Македонија

Протест во „Пелагонија“ на Камчев – „Работиме по 12 до 14 часа, а три месеци сме без плата“

Дел од вработените во земјоделскиот комбинат „Пелагонија“одржаа мирен протест на кој се пожалија дека работат од 12 до 14 часа на ден, а веќе три месеци се без плата. Побараа итно решение на проблемот, во спротивно ќе стапат во генерален штрајк од среда.

„Ова е предупредувачки протест за газдите да знаат дека им даваме рок до среда. Ако до тогаш не нѐ исплатат, ќе стапиме во вистински штрајк. Тоа значи непочитување на работните обврски, вработените нема да ги молзат кравите на фармите, нема да ја хранат стоката, а ќе запре и производството на струја во централите“, рече Менде Милевски, новоизбран претседател на синдикатот во ЗК „Пелагонија“.

Неисплатените плати не се единствените проблеми со кои се соочуваат вработените во најголемиот земјоделски комбинат во Македонија. Се жалат дека три години се без К-15, а не добиваат ниту општествена храна.

„Не ни даваат општествена исхрана, а нѐ тераат да работиме по 12 или 14 часа. Зарем да јадеме на отворен простор на плус или минус 40 степени? Ние овде во просек сме по 60 години, не сме деца да си играат со нас. Инаку, годинава имаше многу големо производство. Од 12.000 до 14.000 хектари посеани со пченка, 10 тони просек по хектар, тоа е многу голема количина и да немало пари за вработените. Нека дојдат газдите да кажат што се случува“.

Иако голем број денеска штрајкуваа, велат дека нема застој во работата на комбинатот. По изјавите за медиумите, вработените заедно со новинарските екипи се упатија до управната зграда каде новинарите добија одговор, но не и работниците.

„Со сигурност можам да кажам дека влеговме во склучување договор со сите банки и доверители. Вчера тие пристапија кон деблокада на сметките и денеска комплетно ќе биде завршена работата и платата ќе биде исплатена. Ќе остане само една третина за ноември, што за релативно брзо време ќе биде исплатена“.

Пред два месеци сопственикот на Комбинатот Орце Камчев заедно со Цветан Панделески, член на бордот на директори, завршија во притвор за случајот „Империја“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), во кој 13 мина се осомничени за злосторничко здружување, измама, перење пари и злоупотреба на службената положба.

Компанијата има долг кон банките од 23 милиони евра,а битолчани се изненадени како еден ваков земјоделски гигант, со големо производство на млеко, жито и други прехранбени продукти, субвенции, стига до ситуација да прикажува загуби.

РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни