Македонија

Црни Врв и натаму непрооден, ТВ21 и брзата помош останаа на пола пат

Поплаките на околу 150 жители на Црни Врв, нѐ натера да тргнеме кон селото. Стигнавме до половина пат, односно до селото Елово, но што повеќе се обидувавме да се искачиме, толку повеќе снегот ни го отежнуваше патот.

„Со нашето возило успеавме да дојдеме до оваа зона, позната како „Бела црква“. Понатаму и не можеме да продолжиме поради неисчистениот пат, а некои жители од селото Црни Врв ни ветија дека ќе дојдат и ќе нѐ земат со поголемо возило, кое може да помине низ неисчистените улици“, вели репортерот на ТВ21, Бесир Арифи.

Го одржаа ветувањето. Жителите дојдоа и нѐ земаа со поголемо возило, соодветно за тешкиот пат кој нѐ очекува. Искачувајќи се кон Црни Врв, забележавме дека на некои места багер го исчистил снегот, но со наближување кон селото, патот стануваше сѐ по непрооден. Видовме и возила кои останале на половина пат. Жителите кои нѐ пречекаа, ни кажаа дека скоро една недела се целосно изолирани. Дворот на училиштето во кое учат околу 30 ученици, беше целосно непрооден. По зимскиот распуст наставата не продолжила, бидејќи комбето на наставниците не можело да се искачи до горе, раскажуваат селаните и учениците.

„Од петокот сме блокирани, никој не дојде во селото да нѐ посети. Како што гледате во моментов со автомобил не може да се помине по таа улица. Апелирам до градоначалникот на општината да земе возило, да дојде до тука, и да види самиот како работат неговите работници и дали е исчистен патот или не“, вели Сабедин Бафтјари – Имам на селото.

Жителите дури ги пропуштиле закажаните термини за лекарски прегледи.

„Ова е упат за на Ортопедија за сопругата. Болна е. Ѝ дадоа упат за 28 јануари за државна болница, но поради снегот бевме изолирани и не можевме да отидеме“, жител на Црни Врв.

„Доставивме барање за амбуланта, поставен е темелот, изградена е но не работи“, жител на Црни Врв.

Во недостиг на амбуланта, кон Црни Врв се упатило и возилото на Брза помош, но и тие останале на сред пат.

Лековите им ги оставија на половина пат, а екипата на Брза помош се врати назад.

„Ги оставивме жителите од ова планинско село со две надежи. Првата дека општина Студеничани ќе преземе мерки за што поскоро расчистување на улиците, за да бидат проодни или да се стопли времето и снегот да се стопи сам“, вели репортерот на ТВ21, Бесир Арифи.

Се обидовме на стапиме во контакт со општината Студеничани, да дознаеме зошто патот сѐ уште не е исчистен од снег, но до ова информативно издание не добивме никаков одговор.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни