Свет

Паника предизвика изјавата на романскиот министер за здравство за таблетите со јод

Паника предизвика изјавата на романскиот министер за здравство за таблетите со јод

Изјавите на романскиот министер за здравство Александру Рафила на вчерашната прес-конференција предизвикаа одредена паника во Романија и потреба од разјаснување. Министерот ги повика Романците помлади од 40 години да одат „што е можно поскоро“ кај своите матични лекари или аптеки за да ги земат своите таблети калиум јодид.

Портпаролот на Национал-либералната партија, Јонуц Строе, синоќа за ТВ Антена 3 коментираше дека темата за дистрибуцијата на таблетите калиум јодид била пренесена на начин што остава многу на имагинацијата на населението, без јасни објаснувања, пишува во „Адеверул“.

Строе за телевизијата изјави дека е потребен професионализам кога се разговара за вакви чувствителни теми. Тој додаде дека министерството треба да објасни во какви ситуации треба да се дава оваа пилула и кој може да ја дава.

Како резултат на тоа, со појаснување излезе Министерството за здравство, кое го предводи претставник на Социјалдемократската партија.

Дистрибуцијата на таблети калиум јодид е наменета за популација под 40-годишна возраст само во случај на зрачење по нуклеарна несреќа, прецизираше здравствениот сектор, цитиран од Агерпрес. Министерството нагласи дека превентивната употреба на таблетите е контраиндицирана.

Од почетокот на конфликтот во Украина, Министерството за здравство е загрижено за набавката на таблети со јод и започна кампања за информирање на населението како да ги користи. Дистрибуцијата на лекови меѓу населението е бесплатна на рецепт издаден од матичен лекар. Ова не е нешто ново, министерскиот налог со кој се регулира оваа дејност е на сила од 23 јуни, потсетуваат од ресорот на чело со Александру Рафила.

Таблетите со јод се издаваат во повеќе од 2.500 аптеки, чиј список може да се најде на веб-страницата на министерството.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни