Нуклеарното оружје е реална и актуелна закана откако Русија ја нападна Украина, изјави денеска градоначалникот на Нагасаки, Томихиса Тауе, на церемонијата по повод 77-годишнината од атомската бомба која го опустоши неговиот град, пренесе Франс прес.
На 9 август 1945 година, Нагасаки беше уништен од пекол кој однесе животи на 74.000 луѓе. Само три дена претходно беше извршен првиот атомски напад во светот – оној против Хирошима.
Двата нуклеарни напади беа извршени од Соединетите држави и ја принудија Јапонија да се предаде во Втората светска војна. До денес, Јапонија останува единствената земја која била нападната со нуклеарно оружје.
Сепак, градоначалникот на Нагасаки ја искористи приликата да издаде предупредување.
„Во јануари оваа година, лидерите на САД, Русија, Обединетото Кралство, Франција и Кина издадоа заедничка декларација во која изјавуваат дека нуклеарна војна никогаш не може да се добие и никогаш не треба да се започне. Следниот месец, сепак, Русија изврши инвазија Украина. Имаше закани за употреба на нуклеарно оружје што го затреперија светот Стравот од употреба на нуклеарно оружје не е неоснован – тоа е вистинска и актуелна криза“, изјави градоначалникот на Нагасаки.
Томихиса Тауе предупреди дека употребата на ова оружје може да се случи по грешка, поради технички дефекти или поради терористички напади.
Преживеаните од нападот на Нагасаки, претставниците на јапонските власти и странските гости кои учествуваа на комеморативната церемонија одржаа миг со молчење во 11:02 часот, точно во времето кога атомската бомба го погоди Нагасаки пред 77 години.