Со едноминутно молчење во спомен на жртвите од американската атомска бомба на Нагасаки, во Паркот на мирот во централниот дел на градот започна церемонијата на жалост, јави ТАСС.
Едноминутно молчење традиционално се одржува во 11:02 часот по локално време, кога бомбата фрлена од стратешки бомбардер Б-29 на американските воздухопловни сили експлодираше над Нагасаки на 9 август 1945 година. Градоначалникот Томихиса Тауе потоа ќе ја прочита Декларацијата за мир во која се повикува на целосно нуклеарно разоружување. Премиерот Фумио Кишида потоа ќе има обраќање.
На церемонијата се очекуваат претставници на 83 земји. Оваа година претставниците на Русија и Белорусија не беа поканети на церемонијата во Хирошима и Нагасаки поради руската инвазија на Украина. Во оваа прилика рускиот амбасадор во Јапонија, Михаил Галузин, одлуката на властите на двата града кои настрадаа од бомбардирањето ја нарече „срамен чекор“.
Нагасаки беше вториот јапонски град по Хирошима што беше бомбардиран од САД во август 1945 година.