Свет

Планот на ЕУ за заштеда на гас веќе е на сила од денеска

Планот на ЕУ за заштеда на гас веќе е на сила од денеска

Планот на Европската унија за заштеда на гас во вонредни ситуации, чија цел е подготовка за можно прекинување на испораките на руско сино гориво, стапува на сила од денеска, 9 август, откако вчера беше објавен во официјалниот весник на ЕУ.

Според планот, секоја земја-членка на Заедницата мора доброволно „да вложи максимални напори“ да ја намали потрошувачката на гас за 15 отсто во периодот од 1 август до 31 март, во споредба со просечната потрошувачка за истиот период во последните пет години.

Според податоците на Европската комисија, за да се постигне оваа цел, ЕУ мора да заштеди вкупно 45 милијарди кубни метри гас.

Само за Германија намалувањето на потрошувачката на сино гориво треба да биде околу 10 милијарди кубни метри.

Откако Москва во последните месеци значително ги намали испораките на гас за европските земји, со овој потег Брисел се подготвува за можен целосен прекин на испораките на ЕУ, потсетува ДПА.

Новиот план за вонредни ситуации, исто така, предвидува можност за активирање механизам ширум ЕУ во случај на широк недостиг на гас, со воведување задолжителни цели за заштеда на гас меѓу земјите.

За да може механизмот да предизвика задолжителни намалувања на потрошувачката, најмалку 65 проценти од вкупното население на Европската унија, или најмалку 15 од земјите-членки, треба да дадат одобрение.

Некои земји, вклучително Италија и Шпанија, обезбедија исклучоци од таквата мерка и ќе мора да заштедат под 15 проценти од гасот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни