Македонија

Министерство за здравство: Нема најава појава на одлив на здравствени работници во Србија

До стручните служби на Министерството за здравство до овој момент нема пристигнато известување од јавните здравствени установи за ваква појава на одлив на здравствени работници во Србија, велат во одговор од Министерството за здравство на прашање на ТВ21.

Српски Курир: 30 илјади работници од Македонија и Албанија во септември доаѓаат во Србија, меѓу нив занаетчии и лекари – кај нас платата е дупла

Со цел дополнително стимулирање и мотивирање на здравствените работници, а со тоа и спречување на одливот на кадар, кој се одвива како процес во светски рамки, во тек се повеќе континуирани активности за подобрување на нивниот статус, квалитетот на едукацијата и условите во коишто работат.

Со измената на Законот за здравствена заштита, првпат во нашата земја, секој млад лекар доби шанса да се ангажира во системот на јавното здравство, односно секој лекар, кој по завршување на лекарскиот стаж и со лиценца за работа, се вклучува во системот на здравствените домови, притоа е платен за својот труд и стекнува соодветно искуство.

Изминатиот период значително се зголемени и платите на докторите и медицинските сестри, како и на останатиот медицински и немедицински персонал.

Министерството за здравство обезбедува средства за вложениот труд на приватните специјализанти, со што тие земаат плата за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар.

Еден од аспектите на кои посебно се посветивме е стручното доусовршување и надградба на медицинскиот кадар. На Државниот универзитет во Тетово за првпат се воведе Програма за специјализација по семејна медицина, како долгорочна инвестиција, од која ќе произлезат стручни кадри во оваа специјалност.

Уште една новина која ја воведовме за докторите кои се запишуваат на специјализација или супспецијализација е дека сите универзитети ќе добијат еднакви оцени при формирање на оценката за стекнување со право за специјализација или супспецијализација, за разлика од претходно кога еден од компонентите на оцената било рангирањето на универзитетот каде кандидатот се стекнал со диплома согласно рангирањето според Шангајската листа.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни