Балкан

На возачот на автобусот кој се преврте му се заканува казна затвор од шест години

На возачот на автобусот кој се преврте му се заканува казна затвор од шест години

На возачот Д.К., кој управувал со автобусот кој се преврте во Бугарија, му е одредена мерка притвор до 24 часа и соодветно ќе одговара.

Според бугарските медиуми, на возачот му се заканува затворска казна од една до шест години.

„За кривичното дело од член 343 став 3 во врска со член 342 став 1 е поведена претходна постапка за што е пропишана казна затвор од една до шест години. Предметот е под посебен надзор од страна на Апелационото обвинителство-Пловдив. По наредба на административниот раководител на Окружното обвинителство – Стара Загора, назначен е тим на обвинител за спроведување на предкривичната истрага. Увидите во моментов продолжуваат – извршена е првична истрага на местото на несреќата и возилото, обезбедени се преведувачи и се вршат разговори со сведоци. Се чека назначување на автотехничко вештачење и бројни судско-медицински вештачења“, пишува BG Voice, повикувајќи се на обвинителството.

На местото на тешката сообраќајна несреќа биле главниот обвинител Иван Гешев и Борислав Сарафов, заменик главен обвинител и директор на Националната истражна служба. Сарафов објасни дека главната верзија на која треба да се работи е човечка грешка.

„Експерти од Националната истражна служба извршија увид и на местото на настанот и во автобусот. Не е пронајден технички дефект што ја предизвикал несреќата, односно главната верзија во овој случај останува главната – човечка грешка“, објаснува Сарафов за bTV.

Да потсетиме, несреќата се случи нешто по 20 часот на автопатот Тракија во Бугарија. Според последните информации, повредени се 14 лица, меѓу кои 12 деца и двајца возрасни. Децата во моментот на несреќата се враќале од фолклорен фестивал.

Станува збор за ансамблот JU-LIRA.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни