Македонија

Лиле Стефанова ќе ја заменува Русковска – „Несоодветен начин“, коментира професорката Павловска Данева

Лиле Стефанова ќе ја заменува Русковска – „Несоодветен начин“, коментира професорката Павловска Данева

Лиле Стефанова од поранешното СЈО ќе ја менува шефицата на одделението за гонење на организиран криминал Вилма Русковска додека е суспендирана. Професорката Ана Павловска Данева вели дека ова е „малку несоодветен начин“.

„Формирано Специјално јавно обвинителство чија шефица е осудена за корупција, а обвинителството укинато. Обвинителство за организиран криминал времено го раководи обвинителка од растуреното и укинато СЈО зашто нејзината нова шефица од организиран криминал е суспендирана заради грешки во постапка против висок владин функционер. Малку несоодветен начин за спроведување на идејата “Нема правда, мема мир”!“, пишува професорката на друштвената мрежа Фејсбук.

Лиле Стефанова, обвинителката која  ги водеше случаите „Империја“ и „Плацеви на Водно“, почнати  од поранешното СЈО, ќе ја менува суспендираната обвинителка Вилма Русковска не местото шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, додека трае нејзината суспенција.

За Русковска, но и за обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска е поднесен предлог за поведување на дисциплинска постапка. Русковска претходно најави дека ќе се жали пред Советот на обвинители на одлуката за нејзината суспензија.

Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција велат дека без разлика на поведените дисциплински постапки, обвинителите напречено ќе постапуваат.

„Јавното обвинителство и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција непречено функционираат и продолжуваат активно да постапуваат без разлика на поведените дисциплински и други постапки против поединци. Со Решението за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител, наведениот јавен обвинител е задолжен сите предмети и ствари со кои е задолжен да ги предаде на јавниот обвинител кој со годишниот распоред треба да го менува. Сите предмети ќе бидат времено рaспоредени кај друг надлежен јавен обвинител и по нив постапката ќе продолжи со несмален интензитет“, велат од ОЈО ГОК.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни