Од Влада велат треба да одговори Министерството за надворешни работи, а од таму веќе 4 ден молк.
Јавноста очекува одговор дали несудената конзулка е вработена во МНР. На листата на институции од кои водителката Бесмира Ејупи добивала хонорари се додава уште една. Покрај тоа што истовремено добила 12 илјади евра од четири општини и Државното правобранителство, Ејупи од 11 мај 2021 година до 16 август 2022 од Владата била поставена и во Надзорниот одбор на Јавното претпријатие „Железници – инфраструктура“, објави Алсат ТВ.
Погледнете како имот пријавила таа во анкетниот лист: 
Министерот за надворешни работи има обврска да биде транспарентен и да ја информира јавноста дали таа личност е вработена во институцијата, во каква постапка и зошто е токму таа избрана за таа позиција.
Вака на прашање на ДВ одговори заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, по нетранспарентноста околу случајот со Бесмира Ејупи, кој од февруари годинава ја бранува јавноста, а кулминира овој месец со тврдење на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека тоа лице е вработено во Министерството за надворешни работи.
Името на Бесмира Ејупи одекна во јавноста кога беше објавено дека 28-годишната телевизиска презентерка ќе биде конзулка во Њујорк. Деновиве, пак, таа е актуелна во јавноста по тоа што ВМРО-ДПМНЕ објави дека сега е вработена во Министерството за надворешни работи (МНР). Премиерот Димитар Ковачевски вчера ги упати новинарите да се обратат до МНР, а од таму три дена ниту ги демантираат ниту потврдуваат ваквите информации.
Во меѓувреме во јавноста испливаа информации дека Ејупи земала хонорари од Државното правобранителство и од четири општини: Чаир, Сарај, Брвеница и Петровец. За ова ДКСК поднесе иницијатива до Јавното обвинителство да се поведат постапки до одговорните лица во овие општини.