Кинеските научници открија досега непознат минерал во примероци од лунарната почва доставени до Земјата со вселенското летало Чанг-5. Ова го соопшти кинеската Национална вселенска администрација.
Новиот минерал го доби името „Каменот Чанг“, објави телевизијата. Во соопштението се вели дека ова е шести нов минерал откриен на Месечината, а Кина е трета земја во светот која открила нови минерали на површината на Земјиниот сателит.
Истражувачите изолираа една кристална честичка со големина од околу 10 микрони од примероците на лунарната почва и ја дешифрираа нејзината структура. „Каменот Чанг“ е фосфатен минерал. Има форма на колонообразен кристал. Кинеските научници тврдат дека минералот е содржан во честички од лунарниот базалт.