Свет

Редици од 8 километри ноќе, за да оддадат почит на ковчегот на кралицата Елизабета Втора

Редици од 8 километри ноќе, за да оддадат почит на ковчегот на кралицата Елизабета Втора

Редот во центарот на Лондон достигна речиси 7,9 километри во текот на ноќта

Редицата луѓе кои чекаат да се поклонат пред ковчегот на кралицата Елизабета Втора остана километарска втора ноќ по ред, јави Би-Би-Си.

Луѓе од Британија и од целиот свет се наредени за да и оддадат последна почит на кралицата, која почина на 8 септември на 96-годишна возраст по седум децении на тронот.

Редот во центарот на Лондон достигна речиси пет милји (7,9 километри) во текот на ноќта. Според проценките, луѓето морале да чекаат најмалку 11 и пол часа пред да дојде редот да се поклонат пред ковчегот изложен во Вестминстерската сала.

На последното броење, опашката се намали на нешто повеќе од 7 километри. Времето на чекање е најмалку 11 часа.

Ковчегот на кралицата Елизабета Втора ќе остане во зградата на комплексот на британскиот парламент до државниот погреб во понеделник. Церемонијата ќе се одржи во Вестминстерската опатија, на која се очекува да присуствуваат околу две илјади луѓе, меѓу кои и многу светски лидери и други достоинственици. Цела Британија потоа ќе одржи двоминутно молчење. Во понеделник навечер, кралицата Елизабета Втора ќе биде погребана во замокот Виндзор, западно од Лондон, покрај нејзиниот сопруг принцот Филип, кој почина минатата година два месеци пред неговиот 100-ти роденден.

Новиот британски крал Чарлс III и неговата сопруга, кралицата Консорт Камила, денеска ќе го посетат Велс – последната станица од нивната турнеја низ четирите историско-географски региони што го сочинуваат Обединетото Кралство.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни