Шпанија е завиена во црно по катастрофалната железничка несреќа во која загинаа 69 лица, а десетици се повредени. Во земјата е прогласена тридневна жалост, додека спасувачките екипи продолжуваат да ги пребаруваат уништените вагони во потрага по исчезнатите патници.
Трагедијата се случи во близина на местото Урда, во регионот Кастиља-Ла Манча, кога брз воз на државниот оператор „Ренфе“ удрил во друг воз кој стоел на пругата.
Првичните информации укажуваат на сериозен пропуст во управувањето со железничкиот сообраќај. Според шпанскиот министер за транспорт, по дефект на системот за автоматска контрола, било дозволено продолжување на сообраќајот и покрај тоа што еден од возовите останал запрен на шините.
Премиерот Педро Санчез најави темелна истрага и утврдување одговорност доколку се потврдат пропусти или небрежност.
Трагедијата предизвика незадоволство во јавноста. Во Мадрид се одржаа собири на кои граѓаните побараа оставки и одговорност од надлежните институции.
Машиновозачите започнаа штрајк со барање за подобрување на безбедноста на железничкиот сообраќај.
Несреќата повторно го отвори прашањето за безбедноста на шпанската железница, особено по уште една тешка железничка трагедија што се случи претходно годинава.