Состојбата на теренот пред изградбата не е доволна за да се проценат последиците од отстранувањето на зеленилото и од новите градежни зафати во Барутана, предупреди архитектката Билјана Филиповска Тодорчевска во „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Според неа, особено внимание заслужуваат поројните води, стрмниот терен и можноста за појава на ерозија по сечењето на шумата.
„Ерозијата настанува кога ќе ја сечете шумата“, посочи таа, оспорувајќи го пристапот според кој отсуството на ерозија во сегашните услови е доволна гаранција за безбедност.
Советничката наведе дека низ просторот поминува канал што ги собира поројните води од Водно. При своите посети, како што раскажа, забележала дека по дождовите во каналот повторно тече значително количество вода.
Таа рече и дека „Шанса за Центар“ барала дополнителни испитувања при разгледувањето на нацрт-планот, а според неа, во таа фаза недостасувало мислење од Дирекцијата за заштита и спасување.
Нејзиниот став е дека проценките мора да ги опфатат и последиците врз постојните жители.