Свет

САД со нова воена помош за Украина во износ од 600 милиони долари

САД со нова воена помош за Украина во износ од 600 милиони долари

Соединетите Американски Држави завршија нова воена помош од 600 милиони долари за Украина за да и помогнат на украинската војска во нејзината борба против руските сили, објавија светските агенции, повикувајќи се на соопштение на Белата куќа. Помошта се изразува во опрема и услуги, но и во обука. Повеќе детали не се објавени.

Од почетокот на руската инвазија на Украина, Соединетите Американски Држави му обезбедија на Киев воена помош во износ од повеќе од 15 милијарди долари, потсетува Франс прес. Најавата за новата помош доаѓа во време кога украинската армија спроведува голема контраофанзива против руските сили од почетокот на месецот.

Во исто време, САД воведоа нови санкции за 22 руски поединци за нивната поддршка за војната во Украина. Меѓу санкционираните е и Марија Алексеевна Лвова-Белова, за која се вели дека ги предводела напорите на Москва да ги депортира украинските деца во Русија.

Нови санкции беа воведени и за чеченскиот лидер Рамзан Кадиров поради мобилизирање на Чеченците да се борат против украинските сили. Санкционирани се и седум членови од неговото семејство.

Беа санкционирани и четворица руски претставници поврзани со руски финансиски кругови кои даваа директна и индиректна поддршка на руските напори за заобиколување на финансиските санкции.

Покрај тоа, американското Министерство за финансии соопшти дека од 15 октомври ќе им забрани на Американците да обезбедуваат услуги за квантно пресметување на секого во Русија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни