Трагичен инцидент го потресе турскиот туристички регион Кападокија, каде што одрон од карпеста формација однесе најмалку три животи, а пет лица се повредени. Несреќата се случила во Ѓореме, во близина на паркинг кај влезот во познатиот туристички локалитет, каде што во моментот имало луѓе.
Според првичните информации, дел од карпеста формација се одвоил и паднал врз просторот во близина на музејот на отворено во Ѓореме. Станува збор за една од карактеристичните формации познати како „самовилски оџаци“, по кои Кападокија е препознатлива во светот.
Спасувачките екипи веднаш излегле на терен и продолжиле со пребарување на просторот под урнатините, со цел да утврдат дали има уште настрадани лица. На местото на несреќата биле испратени полициски службеници, припадници на жандармеријата, медицински екипи и тимови на турската служба за управување со катастрофи АФАД.
Гувернерот на Невшехир, Хусеин Ќок, изјавил дека обилните дождови најверојатно го предизвикале одронот. Според досегашните информации, двајца од загинатите се турски државјани, додека идентитетот и државјанството на третата жртва засега не се соопштени.
Обвинителството во Невшехир отворило истрага за околностите под кои се случила несреќата. Во истрагата се вклучени заменик-главен обвинител и двајца обвинители.
Кападокија е една од најпознатите туристички дестинации во Турција, препознатлива по необичните карпести формации, пештерските живеалишта и подземните градови. Регионот секоја година привлекува голем број туристи од целиот свет, а формациите познати како „самовилски оџаци“ се меѓу неговите најголеми знаменитости.