Македонија

Жестока расправија во Собранието: Филипче обвинува за распродажба на земјиште за рудници, Мицкоски возврати со обвинувања за наследени концесии

Жестока расправија во Собранието: Филипче обвинува за распродажба на земјиште за рудници, Мицкоски возврати со обвинувања за наследени концесии

Прашањето за отворање нови рудници во Македонија предизвика жестока расправа меѓу власта и опозицијата на собраниската седница посветена на пратенички прашања. Во фокусот беа рударските проекти Казандол, Ловица, Штука, Луке, како и потенцијалните рудници во Кривопаланечко и на Кожув.

Претседателот на СДСМ и пратеник Венко Филипче ја обвини Владата дека овозможува распродажба на државното земјиште за рударски проекти, и покрај противењето на локалното население. Тој побара одговор дали извршната власт го поддржува отворањето на овие рудници и дали се планираат нови концесии.

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли обвинувањата, уверувајќи дека Владата нема да преземе ништо што би било спротивно на интересите на граѓаните. Според него, актуелната власт се соочува со последици од одлуките на претходната влада, која, како што тврдеше, давала согласности за спојување на рударските концесии.

Во однос на рудникот Казандол, Мицкоски потсети дека државата се соочува со арбитражна постапка по раскинувањето на концесискиот договор. Тој изнесе и тврдења за наводни разговори за спогодба во вредност од 20 до 30 милиони долари, при што нагласи дека не може да ја потврди нивната вистинитост.

Жестока дебата се разви и околу изборите во Брвеница. Пратеникот Скендер Реџепи од Европскиот пакт ја обвини власта за кршење на уставните и законските права на Албанците, предупредувајќи дека ваквите политики би можеле да поттикнат барања за промена на уставниот поредок.

Мицкоски возврати дека граѓаните имаат право слободно да одлучуваат за кого ќе гласаат, независно од нивната етничка припадност. Тој ја обвини претходната локална власт за недостиг од проекти и развој во Брвеница, посочувајќи дека тоа придонело за иселување на населението. Во своето обраќање премиерот употреби и етнички навредлив израз, кој го претстави како дел од наводната реторика на политичките противници во текот на изборите.

На седницата беа отворени и прашања за евентуално враќање на старото уставно име, поништување на Преспанскиот договор и подобрување на договорот со Бугарија. Се дебатираше и за начинот на владеење, политичките кампањи и меѓусебните дискредитации.

Дополнителни тензии предизвика и директната вербална пресметка меѓу Филипче и Мицкоски. Лидерот на СДСМ порача дека ја почитува премиерската функција, но не и личноста на Мицкоски, додека премиерот одби да одговара на личните квалификации.

Седницата помина во атмосфера на остри меѓусебни обвинувања, со спротивставени ставови за рударските концесии, меѓуетничките односи и политичката одговорност.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио за изборите во Србија и Бугарија со Синиша Пекевски, Игор Бесермењи и Румен Скрински

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни