Најмалку 16 ученици загинаа вчера во несреќа меѓу комбе и камион на автопат на околу 300 километри од Дурбан, Јужноафриканска Република, соопштија властите, цитирани од АФП.
Одделот за транспорт на провинцијата Квазулу-Натал објави 16 смртни случаи, но локалните медиуми наведуваат дека жртвите биле најмалку 19 деца на возраст меѓу 5 и 12 години и тројца возрасни. „Смртта на децата е голема трагедија“, рече провинцискиот министер за транспорт Сипо Хломука.
Несреќата се случила во регионот Понгола, во близина на границата со Есватини.
Јужноафриканската Република има една од најдобрите патни мрежи на африканскиот континент, но безбедноста на патиштата е проблем поради опасното возење.