Портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс во изјавата рече дека државниот секретар Ентони Блинкен утврдил дека Кипар има право да дозволи „извоз, повторен извоз и трансфер на одбранбени предмети… за фискалната 2023 година “, пренесува ABC News.
САД годишно ќе проценуваат дали Кипар ги исполнува условите за укинување на ембаргото , вклучително и спроведување на одредбите за спречување на перење пари и забрана за пристап на руските воени бродови до пристаништата за полнење гориво и одржување.
Кипар им забрани на руските воени бродови да ги користат нејзините пристаништа на почетокот на март по инвазијата на Украина .
Условите се вградени во Актот за енергетско и безбедносно партнерство за источен медитеран, кој американскиот Конгрес го усвои во 2019 година. Законот ја нагласува американската поддршка за поблиски врски меѓу Грција, Кипар и Израел врз основа на неодамна откриените наоѓалишта на гас во морето.
САД го воведоа ембаргото во 1987 година за да спречат потенцијална трка во вооружување да им наштети на мировните преговори со отцепените кипарски Турци на оваа медитеранска островска држава. Кипар беше поделен во 1974 година кога Турција изврши инвазија по државен удар со цел обединување со Грција.
Бидејќи Кипар немаше пристап до американското оружје, неговата влада се обрати кон Русија за да купи јуришни хеликоптери Ми-35, тенкови Т-80 и противвоздушни ракетни системи Тор-М1.
Кипар во саботата го поздрави целосното укинување на американското ембарго за оружје на етнички поделената островска држава како пресвртница што ги потврдува сè поблиските билатерални врски кои служат за зајакнување на стабилноста во турбулентниот источен медитерански регион.
Претседателот Никос Анастасијадес на Твитер му се заблагодари на претседателот на Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат, демократот од Њу Џерси, Роберт Менендез, за помошта за укинување на ембаргото.
Турција, која има повеќе од 35.000 војници на северот на островот, ја осуди одлуката . Турското Министерство за надворешни работи ги повика САД да размислат, предупредувајќи дека потегот ќе им наштети на напорите за мировен договор за Кипар, ќе доведе до трка во вооружување на островот и ќе ја поткопа регионалната стабилност.