Свет

Најактивниот вулкан во светот еруптираше за прв пат по една година (ВИДЕО)

Најактивниот вулкан во светот еруптираше за прв пат по една година (ВИДЕО)

Кратерот последен пат исфрла лава 17 дена.

Вулканот Питон де ла Фурнез во францускиот прекуморски департман Реунион, остров во Индискиот Океан, почна да еруптира за прв пат оваа година рано утринава. Ова го соопшти вулканолошкиот центар за следење на Питон де ла Фурнез, пренесе Франс прес.

Според вулканолозите, „изворот на ерупцијата се наоѓа на југо-југозападната падина на вулканот“, во целосно ненаселена област, „без особено да се загрозува безбедноста на луѓето, материјалните предмети или животната средина“, прецизираат локалните власти.

Опремата на вулканолошкиот центар ја регистрира лавата што излегува на површината. Вулканскиот масив е покриен со густ облачен слој и сè уште не е можно визуелно да се набљудува феноменот.

Од безбедносни причини, властите го забранија секој пристап до централната калдера на вулканот – местото каде што кратерот сам се урива.

Питон де ла Фурнез е меѓу најактивните вулкани во светот. Во последната деценија еруптираше дваесет пати. Последен пат тоа се случи на 22 декември 2021 година, а ерупцијата траеше 17 дена.

Ерупциите на Питон де ла Фурнез се нарекуваат ефузивни или „хавајски тип“. Лавата тече главно по падините на вулканот за разлика од експлозивните ерупции каде вулканите исфрлаат облаци од пепел високо кон небото.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни