Силниот земјотрес што синоќа го потресе западниот дел на Мексико разбуди непријатни асоцијации за тоа како на датумот на 19 септември – во 1985 и 2017 година, слични силни земјотреси убиле илјадници Мексиканци.
„Се чини како проклетство“, изјави за Ројтерс Иса Монтес, 34-годишна графичка дизајнерка во центарот на мексиканската престолнина.
Синоќешниот потрес бил со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот – во близина на брегот на Тихиот Океан, на околу 400 километри западно од главниот град Мексико Сити и на длабочина од 15 километри, објави Геолошкиот институт на САД.
Според Ројтерс, во Мексико Сити биле оштетени повеќе згради, а струјата била исклучена. Засега е пријавена една жртва.
Американскиот Пацифички центар издаде предупредување за можно формирање на плимни бранови од океанот.
Илјадници загинаа во земјотресот на 19 септември 1985 година, а над 350 во земјотресот во 2017 година.