Македонија

Знамето на НАТО се развеа пред Владата, не дојдоа Иванов, Ахмети и Црвенковски

Знамето на НАТО од денеска се вее пред зградата на Владата. Со интонирање на македонската и химната на северноатланскиот сојуз  беше подигнато на свечената церемонија, со која беше одбележано потпишувањето на протоколот за членство на Македонија во Алијансата.

Во своето обраќање премиерот Зоран Заев истакна дека знамето на НАТО заедно со европското и македонското не е само симболика туку е реалност и ја отвора новата страница на нашата историја.

-Ние со својата мирољубива политика ќе докажеме дека членството во НАТО е најдоброто решение за стабилноста на земјата и за стабилноста на целиот регион. Сакаме да останеме пријатели не само со нашите соседи членки на НАТО и на ЕУ, туку со сите земји со кои сме имале добри односи и кога станува збор за наши соседи и за големите сили – рече Заев.

Пред присутните на платото пред Владата Заев додаде и дека се поголеми се изгледите и за членството на земјава во европското семејство. Нема да дозволиме да биде попречувано поради нашите меѓусебни политички ривалства, нагласи тој.

– Сите ние кои го живееме новиот македонски и граѓански сон, сите ние имаме еден пат, и тој ни е заеднички – се вика ПАТОТ СЛОБОДАРСКИ, ПАТОТ ЕВРОПСКИ – по тој пат одат и нашите соседи, нашите пријатели од регионот- изјави Заев.

На свеченоста присуствуваа претставници од дипломатскиот кор, државниот врв, како и поранешни премиери. Но, ги немаше претседателот Ѓорге Иванов, поранешниот шеф на државата и премиер Бранко Црвенковски.

Не беше присутен ниту идерот на ДУИ Али Ахмети кој е коалициски партнер во Владата, а свои претставници не испратија ниту од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од Кабинетот на Иванов, кој воедно е и команднант на воените сили, велат дека поканата ја добиле откако завршила церемонијата, иако од Владата тврдат дека навреме ја испратиле преку курирска служба.

Од канцеларијата пак на Црвенковски информираа дека не дошол бидејќи не сака да се појавува во јавност. А, од ДУИ велат дека Ахмети не можел да дојде поради однапред закажани обврски.

РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни