Свет

Портпаролката на Белата куќа замина по само една недела на функцијата – Трамп ги обвини медиумите

Портпаролката на Белата куќа замина по само една недела на функцијата – Трамп ги обвини медиумите

Кејти Захарија, новата портпаролка на Белата куќа, ја напушти функцијата по само една недела од назначувањето, по серија критики за нејзиниот прв настап пред новинарите и контроверзии околу нејзините професионални квалификации. Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека ја советувал да размисли дали сака да продолжи да ја извршува функцијата.

Висок функционер на Белата куќа потврдил дека Захарија повеќе не е на позицијата, објави „Скај њуз“.

Трамп во петокот изјави дека новата портпаролка била изложена на неправеден третман од дел од медиумите и дека сака таа да биде среќна.

„Таа е добра личност, одлична личност и кон неа се однесуваа грубо“, изјави Трамп пред новинарите.

Американскиот претседател откри дека Захарија му признала дека работата е многу потешка отколку што очекувала. Тој ѝ порачал да размисли дали навистина сака да продолжи со таков начин на живот, имајќи предвид дека медиумскиот притисок веројатно нема да се намали.

Заминувањето следува по контроверзиите околу нејзиното претставување како адвокат. Иако 42-годишната Захарија завршила правни студии на Универзитетот „Пепердајн“ во Калифорнија, таа признала дека не го положила правосудниот испит во таа американска сојузна држава.

Захарија претходно тврдеше дека има искуство во меѓународното деловно право, вклучително и за време на нејзиниот престој во Кина, но и овие тврдења предизвикаа дополнителни прашања во јавноста.

Нејзиниот прв настап како портпаролка, одржан во вторникот, исто така наиде на критики. Прес-конференцијата траеше околу 15 минути, при што одговори на само три новинарски прашања, а повеќе од половина од времето читаше однапред подготвени изјави.

Захарија е позната како конзервативна политичка коментаторка и долгогодишна поддржувачка на Трамп. Претходно работела за компанијата што управува со неговата социјална мрежа Truth Social, како и кратко време во службата за односи со јавноста на американското Министерство за внатрешна безбедност.

Таа ја наследи Каролин Ливит, која ја извршуваше функцијата од јануари 2025 година.

Случајот потсетува на краткиот мандат на Ентони Скарамучи, кој во првиот претседателски мандат на Трамп, во 2017 година, помина само десет дена како директор за комуникации во Белата куќа.

Белата куќа засега не соопшти кој ќе ја наследи Захарија на функцијата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни