Македонија

ТВ21 во Брисел: Северна Македонија со свое столче во НАТО

Седиштето на НАТО во Брисел е подготвено утре да ги пречека министрите за одбрана на 29-те земји-членки. Нивната средба е во рамките на Северно-атлантскиот совет, а заедно со нив на иста маса за првпат ќе седне и министер за одбрана од Македонија.

-Екстремно сум задоволен што на оваа средба за првпат ќе ја пречекаме нашата колешка од Скопје, министерката Радмила Шекеринска. Идната Република Северна Македонија веќе има свое столче на масата на НАТО – вели Столтенберг.

Во 2009-тата, во Алијансата се зачлени Албанија, во 2017-тата Црна Гора, а членка на НАТО наскоро се очекува да стане и Македонија. Но, колку ова проширување на Западен Балкан влијае врз регионот, но и врз самата Алијанса? Генералниот секретар Столтенберг, вели дека проширувањето го зајакнува НАТО, но и самите земјите-членки. Тој дури потсети на улогата на НАТО во решавањето на конфликтите на Балканот во 90-тите години.

-НАТО имаше клучна улога во решавање на овие конфликти, ставајќи им крај на војните и помагајќи во одржување на стабилноста. Сѐ уште има предизвици и проблеми, но охрабрувачки е кога гледаме дека имаме членки како Словенија, Хрватска, Албанија, од неодамна и Црна Гора и идната Република Северна Македонија – рече Столтенберг.

Македонија сѐ уште не е членка со целосни права, па затоа Шекеринска доаѓа како гостинка на идната Република Северна Македонија.

-Пред Владата во Скопје е поставено знамето на НАТО, но ќе бидат потребни уште неколку месеци за знамето на Македонија да се развее тука пред седиштето на Алијансата, бидејќи Протоколот за членство, освен Грција, треба да го ратификуваат и Парламентите на другите 28 земји-членки на НАТО. Денеска на вонредна седница, Протоколот го ратификуваше и Парламентот на Словенија, а се очекува во четврток истото да го стори и Парламентот на Албанија.

За ТВ21 од Брисел, Бесир Арифи.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни