Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, за првпат како идна членка на НАТО денеска и утре ќе ја застапува Македонија на министерскиот состанок на Алијансата.
Ова е првиот состанок на членките на НАТО во 2019 година и прв состанок на кој Македонија ќе седне рамо до рамо со своите сојузнички од Алијансата откако беше потпишан пристапниот протокол за членство минатата недела.
„За првпат ќе му посакаме добредојде на Скопје, на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, сега од Северна Македонија која има столче на нашата маса“ изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, на вчерашната прес-конференција во Брисел на која ја најави агендата за овие два дена.
Министерката планира повеќе билатерални средби со своите НАТО колеги за одбрана во текот на својата посета. Меѓу нив се средбите со министрите од Белгија, Велика Британија, Канада, Турција, Грција и други.