Македонија

Поставена новата табла на граничниот премин „Меџитлија“

На Граничниот премин „Меџитлија“ кај Битола денеска по 14 часот беа поставени новите табли со новото име – Република Северна Македонија.

Старата табла со натписот „Република Македонија“ на која се наоѓаше и стариот грб на државата не беше отстранета, туку само врз неа беше поставен новиот натпис на македонски и англиски јазик.

Промената на таблите е првиот чекор со кој се става во употреба новото име, а следува по пристигнувањето на вербалната нота од Република Грција и објавувањето во службен весник. Моментално помеѓу Грција и Северна Македонија има два гранични премини, еден кај Гевгелија – „Богородица“ и вториот се наоѓа на 20 километри од Битола – „Меџитлија“.

Според Преспанскиот договор, предвидена е модернизација на постоечките гранични премини, но и отворање на нови.

Прв кој треба да биде отворен е граничниот премин „Маркова Нога“ кој половина век е затворен за сообраќај, а изминативе месеци таму се реализираат градежни активности за оспособување на преминот. Од грчка страна веќе е изграден и нов магистрален пат.

Битолчани се почесто патуваат за Грција, на шопинг или пак Гиро, но во последните месеци зголемен е и бројот на Грци кои доаѓаат во Битола кои пак купуваат поевтин зеленчук, бензин, посетуваат стоматолог, фризер и сл.

ЈОВИЦА ПАУНОСКИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни