Новиот тим Антикорупциска комисија застана во поддршка на нивниот колега Нури Бајрами кој е баџанак со претседателот на Собранието Талат Џафери. На првата седница неговиот случај го ставија на разгледување и утврдија дека не постои судир на интереси. Бајрами на седницата рече дека тој ќе се бори против корупцијата во државава и дека нема никакви врски со политичките партии и дека во својата работа нема да признава ниту роднини ниту пријатели.
„Ова шоу мора да заврши. Следете ме како работам, држете ме за збор. За мене нема роднини, врски. Ако тоа се открие, немам проблем оставка да дадам. Јас конкурирав на овој оглас затоа што беше јавен, можеби имаше пропусти, но што требаше да кажам, зар требаше рака да кренам и да кажам – јас сум баџанак. Ништо не е скриено, не сум во ниедна политичка партија, со години се држам настрана од политиката“, рече Бајрами.
Тој воедно беше избран и за прв заменик претседател на Антикорупциската комисија. На оваа позиција сите членови ќе ротираат на секои 6 месеци. Изборот на Бајрами за заменик беше спроведено со жрепка.