Македонија

Заев по доделувањето на наградата во Минхен: Јас и Алексис зборуваме за Балкан од 21 век

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, имаше свое обраќање на свечената церемонијална вечера по повод наградата „Евалд Фон Клајст“, што на Минхенската конференција му беше доделена нему и на премиерот Алексис Ципрас за особен придонес за мирот и стабилноста во светот и за афирмација на принципите на трансатлантската алијанса – НАТО.

„Драги пријатели, ви благодарам! Срдечна благодарност до премиерот на Баварија, господинот Флоријан Хамер, искрена благодарност за драгиот пријател, Маас, сојузен министер за надворешни работи на СР Германија, благодарам за оваа прекрасна вечер.

Сакам да ја искористам оваа прилика и да му се заблагодарам на мојот народ, на граѓаните на Северна Македонија, на посредникот на ОН Метју Нимиц, кој помина децении обидувајќи се да најде решение за долготрајниот спор.

Сакам да се заблагодарам на комесарот Хан кој е тука, кој не охрабри, и на госпоѓица Могерини, како и на сите лидери не земјите членки на ЕУ, и особено на канцеларката Меркел.

Се разбира, сакам да му се заблагодарам на мојот пријател Алексис Ципрас и на неговиот тим, на министрите Коѕијас и Димиторв и на членовите на нивните тимови, како и на тимот мои советници на чело со Дане Талески.

Јас и Алексис овде вечерва сакаме да ви зборуваме за еден различен Балкан. За Балкан од 21 век.

Имам три клучни зборови што го опишуваат успехот на нашето пријателство: Надеж. Дијалог. Заедништво.

Имав и имам надеж. Надеж да победиме режим, надеж да ги решиме сите отворени прашања со нашите соседи и надеж да станеме земја членка на ЕУ и НАТО.

Кога сите ми кажуваа дека не е можно, имав надеж за решение и подобра иднина.

Дијалог. Кога сите зборуваа за црвени линии, Алексис и јас одлучивме да ги надминеме црвените линии што само ќе не вкопаат во ровови. Се свртевме кон отворена и искрена комуникација без скриени агенди. Решивме да се грижиме едни за други, да имаме толеранција и да ги разбереме проблемите и предизвиците на другиот“, рече меѓудругото Заев.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни