Според официјалната статистика за месец јули, како последни објавени податоци, Македонците имаат најниска просечна плата од 515 евра, во Босна и Херцеговина просекот на нето платата е за над 50 евра повисока и изнесува 571 евро. Нешто подобри од тоа се Србите, чија плата е 623 евра. Далеку подобри се примањата во Хрватска и Словенија. Хрватите имаат двојно повисока плата од Македонците, или 1.006 евра, а Словенците се подобри за 2 и пол пати, со просечна нето плата од 1.304 евра, објави Блумберг.

Разликата меѓу најниската и највисоката просечна плата е скоро 800 евра, но разликата во потрошените пари во маркетот за истите производи е 11 евра.
Според ова, иако претходно заклучивме дека голем дел од производите беа со најниски цени во македонскиот маркет, сепак за да ги купи истите Македонецот треба да одвои од просечната плата многу поголем процент, отколку Словенецот, иако продуктите за него се најскапи во апсолутна вредност.
Оваа пресметка повторно ги сместува потрошувачите од Македонија меѓу најсиромашни. Имено, за да се испазари конкретниот список производи, Македонците треба да одвојат 3,73 проценти од својата плата, што е далеку повеќе отколку Словенците, чии производи се најскапи и за кои ќе потрошат 2,34 отсто од приходот.
Најголем дел од просечната плата за ова пазарење потрошија Босанците, 4,09 проценти. За Србите, на пример, ова пазарување претставува 3,57 отсто од просечната нето плата, а износот платен на каса за 16-те производи од списокот на Хрватите ќе им одземе 2,54 проценти од платата.
Анализа на Блумберг