Свет

Макрон: Путин да ја запре војната и да се врати на преговарачка маса

Макрон: Путин да ја запре војната и да се врати на преговарачка маса

Рускиот претседател Владимир Путин мора да се врати на преговарачката маса, рече францускиот претседател Емануел Макрон во телевизиска изјава која главно се фокусираше на војната во Украина.

„Путин мора да ја прекине оваа војна, да го почитува територијалниот интегритет на Украина и да се врати на преговарачката маса“, рече Макрон на телевизијата Франс 2, уверувајќи дека не сака „светска војна“.

Франција ќе и достави радарски и противвоздушни системи на Украина во следните недели за да и помогне да се одбрани од напади со беспилотни летала, рече и Макрон, цитиран од Ројтерс.

Според извор на агенцијата, Париз ќе му обезбеди на Киев противвоздушни ракети „Кротал“ со краток дострел, кои се користат за пресретнување на проектили и авиони кои летаат на мала височина.

Претходно во средата, украинското Министерство за одбрана објави видео на социјалните мрежи во кое ја повикува Франција да ја покаже својата љубов кон земјата со снабдување со оружје.

„Не можеме да испорачаме онолку оружје колку што сакаат Украинците, бидејќи мораме да задржиме дел од нив за одбрана на нашето источно крило“, изјави Макрон за телевизијата Франс 2.

Тој додаде дека Франција соработува со Данска во врска со испораката на уште шест хаубици Цезар во Украина.

„Од почетокот на конфликтот испорачавме 18 хаубици Цезар, а сега имаме намера да испорачаме уште 6“, изјави францускиот претседател во интервју за Франс 2.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко ќе има проблеми во сопствената земја доколку поактивно учествува во војната во Украина, предупреди Емануел Макрон.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни