Свет

Русија призна: Има мртви мобилизирани војници

Русија призна: Има мртви мобилизирани војници

Петмина мобилизирани Руси загинаа откако ѝ се приклучија на војската, соопштија руските власти, цитирани од „Франс прес“.

Нивната изјава доаѓа откако во последните денови се појавија други вакви извештаи. Меѓутоа, властите во Русија не ја прецизираа причината за овие смртни случаи, ниту каде настанале.

Властите во регионот Чељабинск ја потврдија смртта на пет лица од овој регион во Западен Сибир. „Ќе им ја пружиме сета потребна помош на семејствата и роднините на нашите загинати војници“, додаваат од прес-службата. Семејствата и роднините на секој починат ќе добијат по еден милион рубљи или по 16.000 евра.

Претходниот ден рускиот пратеник Максим Иванов објави дека мобилизиран маж од регионот Чељабинск починал од „предозирање“ за време на неговиот тренинг.

По најавената  воена мобилизација во Русија на 21 септември, руските медиуми и локалните власти постојано известуваа за смрт на мобилизирани војници, главно на Урал и Сибир.

Максим Иванов на 3 октомври изјави дека имало три смртни случаи на регрути во воена база во регионот Свердловск. Според него, еден од нив починал од срцев удар, друг се самоубил, а последниот починал од алкохолна цироза откако бил испратен дома.

Кремљ објави дека за време на мобилизацијата биле направени „грешки“ . Има случаи на мобилизација на заболени од болести или над дозволената возраст за отслужување воен рок.

Минатата недела, министерот за одбрана Сергеј Шојгу рече дека за две недели се мобилизирани повеќе од 200.000 луѓе . Ќе бидат испратени да се борат во Украина.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни