Свет

Неверојатен пресврт на суд: Двајца браќа го признаа убиството на новинарката од Малта

Двајца браќа денеска признаа дека ја убиле малтешката истражувачка новинарка Дафне Каруана Галиција во 2017 година, во неверојатен пресврт на првиот ден од нивното судење.

Алфред и Џорџ Деџорџо првично се изјаснија за невини. Но, по долга пауза, нивните адвокати рекоа дека се согласиле да ја признаат вината во замена за полесна казна.

Четири лица веќе признале дека учествувале во убиството, бизнисменот чека судење

Нивното признание за вина значи дека четири лица веќе ја признале својата вмешаност во убиството. Петтиот човек, локалниот бизнисмен Јорген Фенех, е во затвор и го чека судењето. Обвинителите веруваат дека тој го наредил убиството, што тој го негира.

Џорџ Деџорџо го призна злосторството во интервју за Ројтерс претходно оваа година.

Адвокатот на двајцата браќа рече дека мажите барале помилување во замена за откривање на „сè што знаат за други убиства, бомби и злосторства“.

Ниту едно од барањата за помилување

Нивното барање за помилување беше одбиено, а на поротата од пет мажи и четири жени беше кажано на почетокот на судењето да го разгледа само она што го слушнале во судницата.

Каруана Галиција (53) била позната истражувачка новинарка во Малта. Нејзиното убиство на 16 октомври 2017 година го отвори прашањето за владеењето на правото во најмалата земја членка на Европската унија.

Обвинителите на утринското рочиште рекоа дека Деџорџо и уште еден соучесник, Винсент Мускат, прво планирале да пукаат во Каруана Галиција, но наместо тоа набавиле бомба и ја поставиле во нејзиниот автомобил.

Џорџ Деџорџо ја активирал бомбата од јахта во близина на брегот на Малта додека Алфред Деџорџо и Мускат гледале. Мускат минатата година се изјасни за виновен за неговата улога во злосторството во замена за информации и одлежува 15 години затвор.

Тајни фондови

Браќата Деџорџо и Мускат беа уапсени во декември 2017 година и оттогаш се зад решетки. Голем дел од случајот беше изграден околу сведочењето и телефонските снимки на посредникот во планирањето на атентатот, Мелвин Теум, кој доби претседателско помилување во замена за информации кон крајот на 2019 година.

Тој тврди дека убиството било нарачано од Фенех, шеф на конзорциумот кој контроверзно го добил владиниот договор за изградба на електрана во 2015 година. Тој беше уапсен во ноември 2019 година.

Каруана Галиција откри тајна компанија која наводно насочувала средства во компании регистрирани во Панама во сопственост на тогашниот министер за енергетика Конрад Мици и шефот на кабинетот Кит Шембри. Нема докази за нелегален трансфер на пари.

Апсењето доведе до оставка на премиерот

Истрагата на Ројтерс по нејзината смрт откри дека компанијата и припаѓа на Фенех.

Апсењето на Фенех доведе до оставка на Шембри и премиерот Џозеф Мускат. И двајцата негираат каква било вмешаност во убиството на новинарот и не се кривично гонети.

Петгодишнината од убиството на Дафне Каруана Галиција ќе биде одбележана во недела на митинг на кој ќе се обрати претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни