Амбасадорката на Украина во САД, Оксана Маркарова, се осврна на неодамнешната изјава на францускиот претседател Емануел Макрон дека Франција нема да возврати на ист начин доколку Русија изврши нуклеарен напад врз Украина.
За време на гостувањето во емисијата Си-Би-Ес, Маркарова истакна дека глобалниот одговор на нуклеарните закани треба да биде поостар.
Таа истакна дека руските сили ја презеле контролата врз нуклеарната централа Запорожје во Украина, која е една од најголемите нуклеарни централи во светот и најголема во Европа. Таа призна дека затоа постои голем ризик бидејќи Путин се заканува со нуклеарна офанзива.
„Прашањето дали Путин ќе употреби нуклеарна сила или не е многу поголемо од Украина. Таквата одлука ќе ги прекрши меѓународните договори за вооружување и ќе ја загрози безбедносната инфраструктура на Европа како целина. Ние во Украина ќе се спротивставиме и нема да се откажеме без оглед на тоа што Русија користи против нас. Мислам дека тоа го докажавме. Што и да користи Русија против нас, ние нема да престанеме да ги браниме нашите домови“, изјави Маркарова за Си-Би-Ес.
„Не смееме да дозволиме Русија да користи нуклеарно оружје“
„Глобалниот одговор на нуклеарниот напад мора да биде многу остар. Одговорот мора да биде остар дури и во дискусиите за можната употреба на нуклеарно оружје од Путин, бидејќи ова е јасна црвена линија“, рече таа.
Во врска со коментарите на Макрон, Маркарова вели дека обединетото противење на потенцијалниот руски нуклеарен напад треба да биде глобален приоритет. „Нуклеарен напад во Украина ќе ја загрози меѓународната безбедност“, рече таа.
„Во 1994 година Украина стана земја која доброволно се откажа од третиот по големина нуклеарен арсенал и доби безбедносни гаранции. Тоа беше затоа што ние се откажавме од нашето нуклеарно оружје. целиот систем на откажување од такво оружје е во ризик. Мислам дека заедно не смееме да дозволиме Русија да го користи“, коментира украинскиот амбасадор во САД.