Македонија

Една недела по кобната несреќа – возачот на автобусот на „Дурмо турс“ добива закани

Пронајдените лични работи на патниците од автобусот „Дурмо турс“, а кои жителите на селото Ласкарци ги донесоа во ТВ21, се предадени во полициската станица во Ѓорче Петров. Како што тоа го стори екипата на ТВ21, така треба да го направат сите оние кои ќе пронајдат било каков предмет на местото на несреќата. Треба да ги однесат во полициската станица во Ѓорче Петров или во Обвинителство, а од таму да се подигнат од страна на најблиските.

„Жителите од Ласкарци ги донесоа овие работи во ТВ21, ние дојдовме тука во полициската станица во Ѓорче Петров да ги предадеме“, јавува нашата репортерка Арбана Ќ. Климента.

Една недела по катастрофалната несреќа, докази се уште собира и обвинителството. За прв пат по несреќата на прес конференција се појави и првиот човек на републичкото јавното обвинителството. Како што вели Јовески, возачот на автобусот на „Дурмо турс“ добивал закани по живот. Испрати апел  да се почитува презумпцијата на невиност, бидејќи не е утврден виновникот и дека се уште се собираат материјални докази потребни за истрагата.

„Дел од материалите што ги побрало обвинителството се обезбедени од превозникот Дурмо турс Дел, од нив треба дополнително да се обезбедат. Возачот на возилото  еднаш е сослушан но тоа не значи дека не може и повторно да биде сослушан доколку се укаже потреба“, изјави Љубомир Јовески – Републички Јавен Обвинител.

Од Обвинителството велат дека возачот на автобусот во овој момент се води како сведок на настанот, не како осомничен. Сепак, не даваат одговор на прашањето од ТВ21, со оглед на заканите кои ги добивал, и дека не е во својот дом во Гостивар, дали е под нивна заштита. Од обвинителството нема одговор ниту за неговата здравствена состојба во моментот на несреќата. Од таму велат дека вакви информации не можат да откриваат, бидејќи истрагата е во тек.

Од Министерството за здравство велат дека во моментов во Општата градска болница се наоѓаат 8 пациенти, од кои еден е во тешка состојба, а останатите се во добра општа состојба. Во државната болница Мајка Тереза  во моментов се третираат тројца пациенти, од кои еден е во тешка состојба, додека другите двајца се стабилни. На Универзитетската клиника за неврохирургија има една пациентка и таа во моментов е во стабилна состојба. Еден пациентот од трауматологија е пуштен на домашно лекување.

Во сообраќајната несреќа која се случи на 13 февруари, животот го загубија 15 лица, а над 30 беа потешко повредени.

РЕПОРТЕРКА: АРБАНА Ќ. КЛИМЕНТА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни