Нивото на јавниот долг во Македонија не претставува непосредна причина за паника, но високите финансиски потреби во наредните години бараат внимателно управување со јавните финансии.
Ова го истакна универзитетскиот професор Борче Треновски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, предупредувајќи дека економската состојба не треба да се оценува само преку процентот на јавниот долг во однос на бруто-домашниот производ.
„Не е критично и не треба да предизвикува страв и паника нивото на долг од околу 60 проценти. Меѓутоа, нивото на долг е само слика, фотографија. Филмот се вкупните финансиски потреби“, истакна Треновски.
Според него, многу поважно е колку средства државата мора да обезбедува годишно за финансирање на буџетскиот дефицит, отплата на претходните задолжувања и плаќање на каматите.
Професорот наведе дека финансиските обврски и потреби поврзани со задолжувањата до 2028 година се проценуваат на приближно 4,6 до 5 милијарди евра.
„Тоа се вкупните финансиски потреби за да се покрие дефицитот и да се задолжите за да се раздолжите. Замислете колку пати во следниот период ќе треба да излезете на меѓународниот пазар за да се задолжите и да се раздолжите“, објасни Треновски.
Тој предупреди дека евентуален раст на каматните стапки или нестабилност на меѓународните финансиски пазари може дополнително да го отежни задолжувањето.
Според професорот, Македонија мора да обезбеди доволно финансиски простор и за нови капитални инвестиции, и за поддршка на граѓаните при евентуални идни економски кризи.
Како решенија ги посочи подобрувањето на наплатата на даноците, намалувањето на неформалната економија и поголемата ефикасност на јавните расходи.
„Мораме да бидеме исклучително внимателни, затоа што имаме високи финансиски потреби, а од друга страна мораме да инвестираме и да го финансираме економскиот раст“, порача Треновски.