Македонија

Над 650 тони увозна храна вратени за две години, АХВ најавува поригорозни контроли

Над 650 тони увозна храна вратени за две години, АХВ најавува поригорозни контроли

Построги санкции за операторите што не ги почитуваат правилата за безбедност на храната и засилени инспекциски контроли најавува Агенцијата за храна и ветеринарство. Во изминатите два дена биле запленети вкупно осум тони небезбедна храна, а во подготовка се законски измени со кои глобите за прекршителите треба да се зголемат двојно.

Директорот на АХВ, Оливер Миланов, информираше дека вчера биле запленети два тона храна, додека денеска инспекторите одзеле уште шест тони при вонредните контроли на пазарите.

Тој нагласи дека досегашните казни не се доволни за да се обезбеди целосно почитување на прописите и дека е неопходно санкциите да имаат поголем ефект врз операторите.

„Не се доволни казните, треба да бидат повисоки. Веќе се работи на законот за прекршоци. На добар пат сме, претходните две години вративме над 650 тони храна од увоз“, изјави Миланов.

Во однос на месните и млечните производи што беа предмет на контроли во текот на летото, тој посочи дека лабораториските анализи покажале оти тие се безбедни и квалитетни, но кај дел од производителите биле утврдени неправилности во декларациите.

Миланов објасни дека отстапувањата во означувањето на составот, вклучително и кај податоците за водата и масленоста, не значат автоматски дека производот е небезбеден или неквалитетен.

Тој упати апел до граѓаните внимателно да избираат од каде купуваат храна и задолжително да ги проверуваат рокот на употреба, нутритивната табела и изгледот, мирисот и другите својства на производите.

АХВ најавува и поригорозен пристап кон контролите на увозот и извозот, откако македонски пратки со овошје и зеленчук беа вратени од некои земји во регионот. Според Миланов, спроведените анализи на тие пратки покажале негативни наоди.

По повод Светскиот ден на храната, кој годинава се одбележува под мотото „Иновирај денес. Нахрани ја иднината“, надлежните испратија порака дека безбедноста на храната е заедничка одговорност на институциите, производителите, трговците и потрошувачите.

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, истакна дека покрај лабораториското утврдување на присуството на микроорганизми или хемиски супстанции, неопходна е и проценка на нивното потенцијално влијание врз здравјето на луѓето.

На настанот беше отворено и прашањето за здравите навики во исхраната, особено кај младите, со посебен акцент на употребата на енергетски пијалаци и производи за слабеење.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни