Македонија

Јапонија донира нов дигитален принтер за рендген во вредност од 34 илјади евра во Дебар

Јапонија донира нов дигитален принтер за рендген во вредност од 34 илјади евра во Дебар

На 26-ти октомври, Амбасадорот на Јапонија, Н.Е. Савада Хиронори, присуствуваше на церемонијата за комплетирање на GGP-проект во Јавната Здравствена Установа (ЈЗУ) Општа Болница Дебар. Церемонијата беше организирана од страна на Градоначалникот на Општина Дебар, д-р Хекуран Дука, и Директорот на ЈЗУ Општа Болница Дебар, д-р Севдије Коџа, во знак на благодарност за донацијата.

Со овој проект, Јапонија овозможи ЈЗУ Општа Болница Дебар да добие нов дигитален принтер за Shimadzu-рендген апарат, во вкупен износ од 34,576 евра.

„Во текот на оваа година, новиот дигитален принтер помогна болницата во Дебар да заштеди повеќе од 10,000 евра кои претходно беа потребни за набавка на филм.” Вели д-р Коџа.

“Драго ми е дека во текот на изминатата година, со оваа донација беа направени повеќе од 7,000 рендген снимки, што помогна болницата да се справи со зголемениот број на пациенти поради пандемијата на КОВИД-19.” Вели Амбасадорот Савада.

Во 2021, КОВИД-19 беше меѓу главните причини за морталитет во Северна Македонија, а Амбасадорот Савада во обраќањето до присутните изјави дека jапонскиот народ е среќен и горд што му помага на македонскиот народ да има подобри здравствени услови.

Во текот на посетата, Амбасадорот Савада имаше кратка средба со Градоначалникот на Општина Дебар, д-р Хекуран Дука и Директорот на ЈЗУ Општа Болница Дебар, д-р Севдије Коџа. За време на средбата тие разговараа за можностите за идна соработка.

Преку GGP, досега, Јапонија финансираше над 60 проекти во здравствениот сектор во вкупна вредност од повеќе од 3 милиони евра конкретно во медицинска опрема, реновирање на клиники и возила за брза помош. Дополнително, Јапонија во последните две години ги опремува јавните здравствени установи со медицинска опрема во вредност од 813.000 евра како итна помош за COVID-19, дел од Програмата за економски и социјален развој и дополнителна нефинансиска помош понудена во лекови за 100 пациенти со КОВИД-19.

Преку проектите од програмата за мали грантови (GGP), Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за повеќе од 73 училишта и градинки, 64 здравствени установи и обезбеди 34 специјализирано возило за управување со отпад и комунални услуги за 51 општинa.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни