Зголемено е производството на електрична енергија од страна на најголемиот производител РЕК Битола. Животниот век на РЕК треба да се продолжи со отворање на новиот рудник за јаглен „Живојно“, но ЕЛЕМ се подготвува и за енергетска транзиција, најави денеска во Битола вицепремиерот Радмила Шекеринска.
„ЕЛЕМ се подготвува за енергетска транзиција, тоа значи од целосна зависност од јаглен, кој е добар за производство, но лош за животната средина и таа транзиција нема да биде лесна и преку ноќ, но веќе очекуваме инсталирање на 20 мегавати соларна енергија во рамки на РЕК Битола и практично полека но сигурно да транзитираме од чист јаглен во се надеваме понатаму гас, сончева односно обновливи извори“, рече Радмила Шекеринска – вицепремиер.
Битолчани прашуваа и за тоа кога РЕК ќе добие филтри.
„За околу две недели се очекува да излезе тендерот за набавка на филтрите. И тоа веќе се обезбедени пари“, додаде Шекеринска.
На трибината „Фер општество – шанса за сите“ беа посочени и дел од политиките на Владата кои придонеле да се вратат парите кај граѓаните, а досега со мерките за укинување на радиодифузна такса и евтината дневна тарифа на струјата биле вратни 27 милиони евра.
РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ