Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Имаме нов случај на непотизам, на кој може да позавиди и Мира Дизел

Нов случај на непотизам презентираше денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ од страна на портпаролот Димче Арсовски кој на прес-конференција истакна неколку детали, овој пат од пратеничката Тања Ковачев, на која, според Арсовски, може да и позавиди дури и Мира Дизел.

„Епидемијата од непотизам од најтежок вид ја има зафатено фамилијата на пратеничката Тања Ковачев од СДСМ. Мислиме дека на овој случај може дури да позавиди и Мира Дизел Стојчевска, дури и да биде љубоморна. Во интерес на времето да почнам со набројување на сомнежите за непотизам без поголем вовед, со мала напомена дека се работи за работни места со многу високи плати, многу повисоки од просечната плата која што ја добиваат граѓаните во Република Македонија.

Па така, прашуваме, дали сопругот на пратеничката Тања Ковачев, Дејан Ковачев без соодветно образование е вработен во АД Аеродромски услуги- Аеродроми на Македонија?

Дали сестрата на истата пратеничка, Катерина Хаџиевска Јакимовска е вработена во УЈП како инспектор за игри на среќа? Дали зетот за сестра, Бобан Јакимовски е вработен во Водовод и канализација Скопје?

Дали Елеонора Фунду, золвата, односно сестрата на сопругот на пратеничката е поставена како претседател на Надзорен одбор на АД Аеродромски услуги Аеродроми на Македонија, каде што работи Дејан Ковачев мажот на Тања Ковачев?

Ако е сево ова точно тогаш во епидемијата на непотизам имаме и прв случај на вработена золва, покрај сите случаи на вработени мајки, синови, ќерки, сестри, браќа, свекрви, сопрузи, баби, дедовци и фризерки на високи функционери на СДСМ итн,меѓутоа да не им се мешаме и да не им навлегуваме во семејните релации и работи. Да нaпоменам дека дел од овие информации кои ги презентиравме ги добиваме од граѓаните па и членови кои што се крајно разочарани од оваа крими-непотистичка власт на деспотот Зоран Заев.

Сето ова е потценување на здравата разум на граѓаните, бидејќи моделот на Дизел вработување не е исклучок, тоа е правило во СДСМ. “, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни