Ѓоко Котевски и натаму ќе биде директор на затворот “Шутка“, до завршувањето на претседателските избори. Портпаролот на Владата, Мухамед Хоџа, изјави дека на вчерашната седница било одлучено оставката да се разгледува по претседателските избори.
– Имајќи во предвид дека оставката е дадена по распишувањето на претседателските избори, ќе се разгледа по завршувањето на изборниот процес, односно откако ќе заврши забраната за именување и разрешување согласно Изборниот Законик.- изјави Хоџа.
Според информациите дисциплинска постапка ќе биде покрената против 11 лица вработени во затворот „Шутка“, кои не постапиле соодветно и според професионалните стандарди и со тоа овозможиле да се случи инцидент во кој учествувале поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски. Извештајот е веќе доставен до Владата и Министерството за правда.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека некој мора да носи кривична и политичка одговорност за, како што велат, линчот на двајцата поранешни министри на оваа партија.
Пред пет дена во затворот „Шутка“ се случи инцидент во кој учествуваа поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, кои добија 30 дневен притвор за истрагата за 27 април. По вербална расправија со член од Кумановската група, имало и физички контакт. Јанакиески потоа беше пренесен во Градската болница 8 септември, но од страна на лекарите не биле констатирани никакви телесни повреди. На барање на судот двајцата беа префрлени во Хашкото одделение на затворот, а два дена подоцна Јанакиески замина во куќен притвор, а Ристовски остана во „Шутка“.
РЕПОРТЕР: МЕВЉУДИН ИМЕРИ