Денеска, на маргините на одбележувањето на 15-годишнината од трагичната смрт на поранешниот претседател на Републиката, г. Борис Трајковски, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, се сретна со поранешниот претседател на Хрватска, г. Стипе Месиќ.
Господин Месиќ се заблагодари на можноста за оваа кратка но срдечна средба на која не ја испушти пригодата да го пофали историскиот чекор што го презеде Република Северна Македонија со потпишување на Договорот со Република Грција. Чекор којшто овозможи деблокирање на нашите евроатлански интеграциски процеси, односно го отвори патот кон наше полноправно членство во НАТО, според најоптимистичките предвидувања, кон крајот на месец јуни оваа година, и патот кон добивање датум за отворање на пристапните преговори со ЕУ.
Претседателот Џафери го информираше соговорникот дека во тек е ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО во националните парламенти и досега тоа го направиле Словенија, Албанија, Бугарија, а при крај на неделава се очекува и ратификацијата во Црна Гора и Хрватска. Ова е знак дека недоразбирањата од минатото се надминати во голема мера во Регионот и дека чекориме цврсто на патот кон заедничка сигурност и напредок. Ова е исто така пример како треба да се надминат и сè уште отворените прашања што го оптоваруваат тој напредок и развој.