Македонија

Затуровска побара оставка од Спасовски, Села остро реагираше зошто е меѓу последните за прашања

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Затуровска од собраниската говорница побара оставка од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски поради, како што рече, зголемениот криминал и чувството на небезбедност кај граѓаните. Обвини дека наместо за зголемување на безбедноста се фокусирал на доделување тендери. Спасовски врати дека безбедноста е зголемена со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ од власт и дека опозицијата шири лажни вести за да создаде чувство на несигурност во јавноста.

„Само во јануари 520 кражби се случиле, само во Скопје, што е 20 кражби на ден. Учинокот на полицијата е 2 проценти. Граѓаните се сомневаат на поврзаност на полицијата со криминалците за делење на ќарот фифти –фифти“ рече Лилјана Затуровска од ВМРО-ДПМНЕ.

„Безбедноста се зголеми кога бандитите од ВМРО-ДПМНЕ заминаа од власт. Од тој момент безбедноста е драстично зголемена. Во 2014 кога на власт е ВМРО-ДПМНЕ пријавени исчезнати лица се 554 лица, а во 2018 година 370 лица се пријавени за исчезнати. Има намалување на убиства за 37 проценти. Фала Богу што не не` убивте во Собрание. Тогаш и бројката на убиства ќе беше поголема“, рече Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

Затуровска постави прашање и до премиерот Зоран Заев зошто цената за градење на нов клинички центар е 4 пати поголема. Дали ќе градите клинички или вселенски брод праша таа. Заев и врати дека сумата од 480 милиони евра била одредена уште во време кога министер за здравство бил Никола Тодоров.

На седницата претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села остро реагираше зошто постојано е меѓу последните за поставување пратенички прашања. Му одговори потпретседателот на Собранието Горан Мисовски кој рече дека распоредот се прави во координација со сите пратенички групи.

„Ова има за цел да ја замолчите албанската опозиција. На овој начин сакате да не се слушне гласот на албанската опозиција“, изјави Зијадин Села, лидер на Алијанса за Албанците.

„Ова е само политички маркетинг бидејќи вашиот пратеник Сурија Рушиди во претходните седници беше меѓу пратениците кои поставуваа прашања“, изјави Горан Мисовски, потпретседател на Собранието.

За редоследот се побуни и Амди Бајрам кој рече дека и тој секогаш е меѓу последните и со тоа му се одзема правото да постави прашање пред јавноста. Минатиот пат се откажав. Ние не сме фактор? Без разлика што сум Ром има проблеми што треба да ги поставам во интерес на Ромите, рече тој.

РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни