Жителите на населба Дреновци, општина Тетово имаат проблеми со канализацијата. Отпадните води освен што истекуваат по улиците, често пати влегуваат и во домовите на граѓаните. Помош од Општината не добиваат, затоа се принудени самите да градат канал преку кој ќе истекуваат отпадните води.
Жителите велат дека станува збор за повеќегодишен проблем. Општината понекогаш го празни каналот со цистерна, меѓутоа по 2-3 дена тој повторно се полни.
„Како што гледате и самите, само што дојде вашата телевизија тука, Општината испрати екипа за чистење. Но, тоа не е долгорочно, ова по два дена повторно ќе се наполни, како што гледате и самите.
Проблемот е голем и ние не можеме да го решиме. Доаѓаат неколку пати и чистат, но решение нема. Потребен е нов канал, бидејќи ќе се затруеме, децата ќе се затрујат. Сите овие куќи имаат проблем, влегува вода по куќите. Мене и на браќата мои ни влезе вода дома, моравме сами да градиме бунари како порано.“, велат жителите од селото.
Децата од ова место најмногу време минуваат играјќи си во населбата. Нивните родители стравуваат да не паднат во каналот кој се отвора поради големиот притисок од отпадните води.
„Вака е 7 години, блиску ни е до куќите. Или треба да се преземат мерки или ќе ги блокираме каналите, немаме што да правиме. Ова е многу лошо, децата секој ден и навечер си играат тука, некој може да падне и да настрада, а никој нема да биде одговорен“, изјави еден од жителите во селото.
Тие секој ден живеат со стравот дека отпадните води може да им влезат дома, како што се случило многу пати до сега.
„Се плашиме. Отпадните води ни влегуваат во собите. Ако се случи уште еднаш треба да ги фрлиме теписите, не чинат веќе. Самите гледате дека вода ни влегува во собите“, рече жител во селото.
Некои од нив виделе многу нешта како излегуваат од канализацијата.
„Утрово кога се разбудив видов и крв дека излегува од тука, децата се исплашија, го тргнаа капакот а каналот е длабок 3 метра. Можно е и епидемија да се прошири од тука.“
Лоша миризба е само еден од бројните проблеми со канализацијата. Со цел да се заштитат тие се мораат да изградат бунари во своите домови.
„Екипата на ТВ21 дојде во општина Тетово за да побара одговор во врска со проблемот на жителите од населбата Дреновци, но од таму не добивме одговор. Градоначалничката на Општината имала пренатрупана агенда и не можеше да ни одговори, а другите надлежни лица не беа во општината“, Арменд Гаши, репортер на ТВ21.
РЕПОРТЕР: АРМЕНД ГАШИ