Македонија

Се реконструира улицата кај Клуб на пратеници, затоа лидерската денеска се одржа во Собрание

Се реконструира улицата кај Клуб на пратеници, затоа лидерската денеска се одржа во Собрание

Лидерите на политичките партии денеска мораше во Собранието, наместо како досега во Клубот на пратеници да ја одржат лидерската средба која заврши без никаков договор.

Пракса е лидерите да се собираат во Клубот на пратеници, така беше и последните одржани лидерски средби со премиерот Димитар Ковачевски, но и за време на поранешниот премиер Зоран Заев.

Инаку улицата која води до Клубот на пратеници е во реконструкција веќе трет месец и поради тоа, лидерите мораше да ја променат локацијата за средба.

На крајот од септември градоначалничката Данела Арсовска најави дека во следните пет месеци ќе се реконструира улицата.

„Реконструкцијата опфаќа градежни работи на коловозот од 5.350 метри квадратни, велосипедска патека и тротоари од 4.500 метри квадратни, нови рабници, нова фекална канализација Ф600, изведба на нова водоводна мрежа и, ново улично осветлување со лед светилки. Реконструкцијата чини 43 милиони денари, а градежните работи ги изведува фирмата Бауер“, кажа тогаш Арсовска.

Додека траат градежните работи на оваа фреквентна сообраќајница ќе биде воведен посебен режим на движење, а автобуските линии 5 и 4А нема да минуваат на овој потег.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни