Македонија

Собрани 1800 потписи, петицијата за разрешување на Ванковска стигна до МОН

1800 потписи се собраа од онлајн петицијата за разрешување на професорката Билјана Ванковска поради поттикнување на говор на омраза преку Фејсбук статус. Петицијата ја започна активистот Ваљон Елези, два дена по трагичната несреќа  кај селото Ласкарци во која животот го загубија 15 лица. Тој ја достави петицијата до архивата на Министерството за образование.

„Мислам дека е легитимно и законско право да доставам барање и мислам дека институциите со одлуките кои ќе ги донесат нема да ја засегнат автономијата на Универзитетот. Реакциите беа такви кон Ванковска бидејќи таа ширеше говор на омраза“, изјави Ваљон Елези, активист.

 

Елези упати апел до министерот за образование, Арбр Адеми, со ингеренциите што ги има да ја отстрани професорката од државниот универзитет Св. Кирил и Методиј.

Адеми денеска не сакаше да зборува за ова прашање, но два дена по објавениот статус од професорката Ванковска, изјави дека е шокиран од нејзиниот гест.

„Ние сме шокирани од таквиот пост на професорката Ванковска, секако дека веднаш реагиравме кажувајќи го нашиот став дека осудуваме секаква изјава која сее омраза. Секако дека таквите изјави не носат ништо, освен што влијаат да се предизвикаат нови поделби. Ние апелиравме и секако дека ќе преземеме мерки како Министерство за образование и наука во рамки на нашите законски надлежности, да има одговорност за овој случај“, изјави Арбр Адеми, министер за образование.

 

Инаку дента кога се случи автобуската несреќа, професорката Билјана Ванковска на Фејсбук напиша: “Каква трагедија и иронија – Карпалак“.

Според законот, за лицата кои шират говор на омраза предвидена е казна затвор од 1 до 5 години.

РЕПОРТЕР: АРБАНА Ќ. КЛИМЕНТА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни