Чилеанските лозари се повеќе размислуваат за тоа како да се прилагодат на климатските промени и посувото време бидејќи сушата ја мачи земјата на Андите повеќе од една деценија. На доделувањето на светските награди за вино Catad’or во Сантијаго, винарите и инсајдерите во индустријата рекоа дека производителите се преселуваат на југ во региони со повеќе дождови бидејќи централните области стануваат сè посуви или градат резервоари за да се намали зависноста од врнежите, објави Ројтерс.
„Тоа е нешто што не загрижува сите нас винарите“, коментира Магдалена Виласанте од Вина Ундурага, која ја освои главната награда на настанот за мешавината на Сина, Карињан и Гренаш.
Чиле е четврти најголем извозник на вино во светот, но сувото време ги менува лозите. Земјиштето под винско грозје е намалено за околу 4 отсто од 2015 до 2020 година, при што централниот метрополитен регион Сантијаго, трет по големина регион за производство на вино во земјата, забележа пад од речиси 14 отсто, покажуваат официјалните податоци.
Соседна Аргентина, позната по вината Малбек одгледувани во подножјето на Андите, исто така се бори со сушата и студеното време што ги погодија лозарите оваа година. На почетокот на годината, една мексиканска винарија имаше сериозни проблеми со локална банда поради користење на водата.
Серхио Рохас, директор на Чилеанскиот институт за земјоделски развој (INDAP), вели дека владата работи со малите фармери за да го подобри квалитетот на виното и да создаде техники и алатки кои ќе помогнат да се намали влијанието на сушата.
„Веројатно ќе видиме повеќе вина од Ајсен и Магаланес (на длабокиот југ на Чиле) во иднина поради климатските промени. Ова е алатка што ја имаме на располагање за зајакнување на производството и диверзификација“, изјави Рохас за Ројтерс.