Управниот Одбор на М-НАВ АД Скопје во текот на денешниот ден ја разгледа целокупната документација и донесе Одлука за потврда и прифаќање на изборот предложен од комисијата за избор и селекција на кандидати и следствено даде насоки за вработување на кандидатите на определено време и нивно упатување на школување.
Едновремено го задолжи претседателот на комисијата да го извести економскиот оператор за одлуката и да побара известување за датум за почеток на обуката.
Мораме да изразиме длабоко жалење што поради некои неточни и непроверени информации кои се пласираа во јавноста , се создаде погрешна слика за процесот околку Огласот за прием на 8 кандидати на обука за стекнување дозвола за контролор на летање.
Потенцираме дека во ниеден момент немаше ниту размислување, а уште помалку превземање на дејствија за прекинување на или поништување на постапката односно Огласот, како што беше наведено во некои изјави и медиумски натписи . Единствено точно е дека како раководство на оваа институција доследно се придржуваме кон нормативните акти, како тие законски но и внатрешни на самата институција, со едниствена цел , избор на најквалитетните кандидати за нови кадри во М-НАВ АД Скопје.
Сето ова беше во рамки на строгите меѓународни и национални норми и временските рокови согласно акционен план на М-НАВ АД Скопје.
М-НАВ како и досега и во иднина ќе продолжи со професионално вршење на својата дејност и никогаш не би дозволиле да се загрози безбедноста на воздушниот сообраќај над нашето небо ,при што критериумите за обезбедување на потребното ниво на безбедност и ефикасност при давање на услугите за воздухопловна навигација континуирано се и ќе се одржуваат на највисоко ниво.