Активистите очекуваат нов поразителен извештај од УНЕСКО. Наместо да се намалува бројот на дивоградби на брегот на Охридското Езеро, расте. Велат, останаа два и пол месеци до истекот на рокот, но нема напредок, локалната и државната власт не ги спроведуваат препораките.
Сè уште има претерана урбанизација со која се нарушува амбиенталната визура на градот и несоодветна заштита на културното и природното наследство.
„Тоа се мегаломански апетити на одредени луѓе и да бидам искрен, градот Охрид, како светско наследство и Република Македонија има интензивно проблем само од неколку луѓе од неколку индивидуи кои не знаат да застанат“, активист од здружението „Енхелеус Лихнидос“.
Изработен е само стратегиски план за рехабилитација на Охридскиот регион како светско културно и природно наследство од страна на работно тело од Владата. Но, во него има само мерки на хартија.
„Очекувам дека УНЕСКО ќе преземи мерки. Нашата влада ќе тактизира сега ќе го испрати тој стратегиски план под изговор еве презедовме нешто ние, а во пракса не е преземено ништо“ вели Никола Киселинов од здружението „Билјана“ сертифициран членка на Унеско.
За подобар мониторинг врз процесите за зачувување на светското наследство, од страна на граѓанскиот сектор се планира отворање на канцеларија на УНЕСКО во градот Охрид.
Наспроти активистите, од Општина Охрид велат, се работи на спроведување на препораките на УНЕСКО, направен е исчекор а има и видливи резултати.
Соња Рилковска