Подобрување на финансиската писменост во земјава е она што советуваше професорот Борче Треновски од Економскиот факултет пред еден месец во интервју за ТВ21.
„Со финансиската писменост населението ќе биде многу позапознаено, многу полесно ќе може да одговори и ќе биде позаштитено кога ќе влегува во било каков и кредитен и финансиски аранжман, кој може да биде не само кредит“, изјави Проф. д-р. Борче Треновски.
Еден месец подоцна министерот за финансии Драган Тевдовски, најави активна кампања за финансиска едукација која ќе опфати различни профили и различни возрасти. Најави два приоритети: јавниот долг да остане под контрола (намалување на каматните стапки, намалување на аукции на државни хартии од вредност) редовно да се известува и да има веродостојни податоци.
„Направивме многу податоци да бидат достапни, одиме и чекор понатаму, сакаме тие да бидат поразбирливи за јавноста. Како тема на денешниот прв настан го одбравме јавниот долг, кој изминатите години со претходната власт беше табу тема. Стратегијата за јавен долг престана да се објавува како посебна стратегија“, изјави Министерот за финансии Драган Тевдовски.
Претседателот на МАНУ академик Таки Фити во синоќешното гостување во Клик Плус изрази оптимизам за економијата. Но, посочи два ризици: забавувањето на економскиот раст на Европа поради Брегзит, опаѓањето на стапката на раст во Германија која има силно влијание врз македонската економија. Не го исклучи влијанието на претстојните претседателските избори. Потребно е според него откочување на инфраструктурните инвестиции.
„На сама граница сме. И гледате владата исто продолжува, мене ми велат, тогаш критикувавте сега не критикувате. Не јас секогаш велам крајна претпазливост треба. Но, сега што е основно. Сега е основно она што се зема, морате да земате за да ги вратите старите долгови. Меѓутоа тоа што останува треба да се насочи во крупна инфраструктура“, рече Претседателот на МАНУ, Таки Фити.
Јавниот долг почнувајќи од 2008 година бил 23% од БДП до крајот на 2016 –та достигнал до 48,8 % од БДП, за на крајот до 2018-та да се намали на 48, 7 % информира Тевдовски. Законот за управување со јавен долг е во собраниска процедура. Вкупниот јавен долг заклучно со 31.12.2018 изнесува 5 милијарди 202 милиони евра.
РЕПОРТЕР: АЛЕКСАНДРА ВЕЛИНОВА