Тоа е законски дозволено, но некоректно кон гласачите кои и овозможија да стане советник по втор пат. Имено, во Македонија не постои системот на отворени листи каде што се гласа за човек, туку се гласа за листа на партии. Токму на тој начин, веќе 5та година советникот добива месечен надоместок на „грбот“ на партиските членови кои беспоштедно се вложија во кампањата, симпатизери и поддржувачи на партијата и коалицијата, вели во разговор за „Локално“ советникот во Советот на град Скопје и секретар за меѓународна соработка при ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски за „пребегнувањето“ на советничката Ирена Попова која во иднина ќе дејствува како независна, пишува Локално.мк
Според него околу одлуката на Попова, кога не се сложувате со одлуките на партијата, фер е да си дадете оставка од позицијата.
-Поновата македонска историја покажува дека оние кои се одделиле од партијата без да бидат доблесни и да си дадат оставка од функциите на кои таа партија ги поставила, брзо ја завршиле политичката и општествената кариера, посочува Андоновски.
Советникот порачува дека најважно во овој момент за граѓаните на град Скопје се проектите и активностите од интерес за граѓаните да продолжат да се реализираат.
-Преку гласањето за амандманите на ребалансот и јасното мнозинство во текот на вчерашната седница, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за обнова на Македонија јасно покажа дека се грижи за граѓаните. Овозможивме помош на лицата во социјален ризик за време на енергетска криза, нови проекти во градската инфраструктура, помош во културата и спортот. Жално е што ниту градоначалникот, а ниту Попова не ги поддржаа овие мерки, ниту пак за ребалансот на буџетот со што овие проекти треба да станат реалност, информира Андоновски.
Градоначалничката Данела Арсовска аплаудираше на одлуката на Попова за напуштање на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, на што Андоновски одговори дека „би бил посреќен ако Арсовска аплаудираше на отворањето на Луна Парк кое го вети за крајот на оваа година“.
-Можеби и нема да аплаудираше на изјавата ако знаеше дека на крајот на истиот ден Попова нема да гласа за ребалансот на буџетот кој токму Арсовска и го предложи, прецизира советникот.
Околу актуелната ситуација во Советот на град Скопје, Андоновски истакнува дека состојбата е напорна, но очекувана, кога станува збор за т.н. „кохабитација“ на двете тела на градот Скопје – градоначалникот и Советот.
-Ние, како мнозинство во Советот, продолжуваме да се грижиме за граѓаните на Скопје, независно од подместувањата и византиските игри кои ги прави кабинетот на градоначалникот. Оттука, скопјани треба да бидат спокојни, затоа што Советот и мнозинството продолжуваат да ги исполнуваат ветувањата дадени на минатогодишните избори. Ако нешто би можел да апелирам, тоа би било сите да се фокусираме на реализација на ветувањата, а не на меѓусебните лични напади, оценува советникот.